Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
 
 
Одлуки на Основниот Суд Велес

24.09.2012   П-1.бр.3/11
П-1.бр.3/11
ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ОСНОВНИОТ СУД ВЕЛЕС како првостепен парничен суд во совет составен од судијата Виолета Мојсова како претседател на советот и судиите поротници Силвана Печкова и Ружица Кајнакчиева како членови на советот решавајќи по тужбата на тужителот Драган Стевоски од С. против тужената Лена Стевоска од В. за утврдување право на сопственост за имот, вредност на спорот 50.000,00 денари, по противтужба на тужителката Лена Стевоска од В. против тужениот Драган Стевоски од С. за сопственост за имот, вредност на спорот 50.000,00 денари и по тужба на тужителот Драган Стевоски од С. против тужената Лена Стевоска од В., за иселување од стан, вредност на спорот 50.000,00 денари, по одржаната усна, јавна и главна расправа на ден 5.04.2011 година во присуство на тужителот - тужениот лично, неговиот полномошник адвокат Борис Скорниев, тужената - тужителката лично и нејзиниот полномошник адвокат Ане Василков, ја донесе и на ден 20.04.2011 година ја објави следната


П Р Е С У Д А

I

1. Тужбеното барање на тужителот Драган Стевоски од С., ДЕЛУМНО СЕ УСВОЈУВА.

2. СЕ УТВРДУВА дека тужителот Драган Стевоски од С. спрема тужената Лена Стевоска од В. е сопственик на 1/2 идеален дел од стан на во површина од 64,92 м. кв., ПА СЕ ЗАДОЛЖУВА тужената да му го признае тоа право и да трпи делба во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.

3. СЕ УТВРДУВА дека тужителот Драган Стевоски од С. спрема тужената Лена Стевоска од В. е сопственик на 1/2 идеален дел од ПМВ HYNDAI DELUX 1.3 SL број на шасија KMHVF 21 LPSU 163962 , број на мотор G4EHR 379082, година на производство 1996, боја на каросерија зелена со рег. бр..., ПА СЕ ЗАДОЛЖУВА тужената да му го признае тоа право и да трпи делба во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.

4. Тужбеното барање на тужителот Драган Стевоски да се утврди дека спрема тужената е сопственик уште на 1/2 идеален дел на стан на во површина од 64,92 м. кв. и тужбеното барање на тужителот спрема тужената да се утврди дека е сопственик и на разликата од досудениот 1/2 идеален дел па до бараниот 8/9 идеален дел од ПМВ HYNDAI DELUX 1.3 SL број на шасија KMHVF 21 LPSU 163962 , број на мотор G4EHR 379082, година на производство 1996, боја на каросерија зелена со рег. бр... и да се задолжи тужената во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата да му го признае тоа право, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО.

5. СЕ ЗАДОЛЖУВА тужената на тужителот на име трошоци во спорот да му исплати сума во износ од 23.840,00 денари во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.

II

1. Противтужбеното барање на противтужителката Лена Стевоска од В., СЕ УСВОЈУВА.

2. СЕ УТВРДУВА дека противтужителката Лена Стевоска спрема противтужениот Драган Стевоски врз основа на имот заеднички стекнат во брак е сопственик на 1/2 идеален дел од стан на во површина од 64,92 м. кв., ПА СЕ ЗАДОЛЖУВА противтужениот на противтужителката тоа право да и го признае и да трпи делба во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.

3. СЕ УТВРДУВА дека противтужителката спрема противтужениот врз основа на имот заеднички стекнат во брак е сопственик на 1/2 идеален дел од ПМВ HYNDAI DELUX 1.3 SL број на шасија KMHVF 21 LPSU 163962, број на мотор G4EHR 379082, година на производство 1996 , боја на каросерија зелена со рег. бр..., ПА СЕ ЗАДОЛЖУВА противтужениот на противтужителката да и го признае тоа право и на истото да трпи делба во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.

4. СЕ ЗАДОЛЖУВА противтужениот на противтужителката име трошоци во спорот да и исплати сума во износ од 45.880,00 денари во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.


III

Тужбеното барање на тужителот Драган Стевоски да се задолжи тужената Лена Стевоска да се иссели од станот на во површина од 64,92 м. кв. во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата под закана на присилно извршување, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО.


О б р а з л о ж е н и е

Пред овој суд поведена е постапка по тужба на тужителот против тужената за исселување од стан, вредност на спорот 50.000,00 денари, по противтужба на тужената за сопственост за имот, вредност на спорот 50.000,00 денари и по противтужба на противтужителот против тужената за утврдување право на сопственост, вредност на спорот 50.000,00 денари. Со решение на записник од 17.09.2010 година споени се предметите заради економичност и ефикасност на постапката и водена е единствена постапка. По спроведената постапка на ден 17.09.2010 година донесена е пресуда, но по поднесени жалби од странките беше укината со решение на Апелационен суд Скопје ГЖ. бр. 5551/10 од 23.12.2010 година и предметот беше вратен на повторно одлучување, по што заведен е предмет П-1 бр.-3/11.
При повторното постапување тужителот преку полномошникот наведе дека спорниот стан го отплатувал со свои средства што ги имал пред бракот, од платата што ја остварувал како вработен во АРМ и од средства дадени од неговиот татко, па по целосната исплата на купопродажната цена, станал единствен, исклучив сопственик и станот претставувал негов посебен имот. Во истиот живееле со тужената која му била брачна другарка и заедничкиот син Р. За времетраењето на бракот тужената и самата била издржувано лице со исклучок на период од околу две години кога работела во продавница и примала минимална плата, а во продавницата тој вложувал средства и труд. Со свои средства располагала дури од 2010 година кога била вработена во М. п. Бидејќи брачната заедница не функционирала уште од месец март 1996 година, ратите од 1994 година ги плаќал единствено тој, а самиот ја доплатил и преостанатата сума од купопродажната цена на станот, па јасно произлегува од кого, за кого и од чии средства бил купен имотот. Иако со пресуда П. бр. 826/06 од 19.01.2007 година бракот бил разведен, тужената продолжила да живее во истиот. Со повратените средства од затворената продавница, 2000 германски марки добиени од продажба на своето пмв "Застава 101", 6.000 германски марки дадени на дар од неговиот татко и 2000 германски марки добиени од таткото на тужената купиле и патничко моторно возило марка "хјундаи акцент" со рег. бр... Смета дека има поголем придонес во создавањето на заедничкиот имот, па бара согласно чл. 75 ст. 3 од ЗСДСП, противтужбеното барање на тужената за станот да биде одбиено, неговото противтужбено барање да се усвои и да се утврди дека е исклучив сопственик на предметниот стан, а да се задолжи таа тоа право да му го признае и да се иссели од истиот. Во однос на предметното патничко моторно возило смета дека на тужената и припаѓа 1/9 идеален дел сразмерно на износот од дадените средства од нејзиниот татко, па бара да се утврди дека спрема неа е сопственик на 8/9 идеален дел од пмв и да се задолжи таа тоа право да му го признае и да трпи правна делба. Бара надомест на трошоците во постапката.
При повторното постапување тужената преку полномошникот наведе дека тужбеното барање не го признава и бара да се одбие како неосновано. Имено, најбитен услов за добивање на предметниот стан бил воспоставување на брачна заедница и проширувањето на семејството, а заедничката волја била станот да се стекне за нив двајцата и за нивното дете. Истиот бил исплаќан со заеднички средства бидејќи во тој период и таа била во работен однос и активно учествувала во создавање на домашниот буџет со работењето во дуќанот што го имале заедно. Став во македонското право е дека еден од брачните партнери кој не е вработен и не остварува приходи со самиот факт што се грижи за домаќинството има право на дел од заедничкиот имот што е создаден во тоа домаќинство. Освен тоа право на откуп имале двете странки а тужителот не ја понудил неа заедно да го платат и го исплатил преку својата плата. Смета дека флуидна е и границата кога е престаната брачната заедница бидејќи двајцата останале да живеат во предметниот стан, уште повеќе што во 2003 -2004 година тужителот додека бил во А. и И. и дал полномошно да располага со средствата од неговата сметка. Исселувањето смета дека е неосновано бидејќи правна претпоставка е дека двајцата се сопственици на по 1/2 од станот. Наведува дека со заеднички средства остварени од работењето на продавницата, во која активен придонес имале таа и нејзиниот татко го купиле и предметното патничко моторно возило. Бара да се утврди дека е сопственик на 1/2 идеален дел од истите, тужениот да се задолжи тоа право да и го признае и да трпи физичка делба, а тужбеното барање на тужителот за исселување да се одбие како неосновано и да и се надоместат трошоците во спорот.
Од изведените докази на расправата и тоа од увид во: договор за купопродажба-откуп на недвижности бр... од 10.02.1992 год., договор за купопродажба бр... од 13.07.1994 год. заверен во Општински суд Велес ЗАВ НД бр. II ... од 15.07.1994 година, солемнизација-потврда на приватна исправа-анекс кон договор за купопродажба бр... од 13.07.1994 година склучен на ден 17.12.1999 год. заведен под бр... ОДУ бр... од 27.04.2000 година на нотар С. А. од В., анекс кон договор за купопродажба бр... од 17.12.1999 година, правосилна пресуда на овој суд П. бр. 826/06, потврда на Министерство на РМ бр... од 3.07.1998 година, поднесок од Министерство на РМ до Основен суд Велес бр... од 13.06.2000 год. примено во овој суд на ден 9.10.2000 година, потврда од Министерство бр. од 13.06.2000 година, општи уплатници на име на тужителот-тужениот Драган Стевоски од 27.10.1994 година, 23.11.1994 година, 22.08.1994 год., 22.09.1994 год., 21.02.1995 год., 21.03.1995 год., 31.12.1994 год., 21.01.1995 год., 1.08.1995 год., 22.08.1995 год., 30.05.1995 год., 24.06.1995 год., 21.12.1995 год., 11.03.1996 год., 19.10.1995 год., 21.11.1995 год., 23.01.1997 год., 23.05.1997 год., 25.07.1996 год. и од 30.12.1996 год., образец за купопродажба на странски средства за плаќање на име на тужителот-тужениот Драган Стевоски со број на пасош..., општа уплатница на Комерцијална банка АД Скопје на износ од 170,00 денари на име Драган Стевоски, налог за наплата на провизија на Комерцијална Банка АД Скопје, преглед-пресметка за откуп на општествен стан од 29.12.1998 година на Комерцијална Банка АД Скопје, потврда бр. 15683 на Комерцијална Банка АД Скопје од 29.12.1998 год., договор за купопродажба бр... од 13.07.1994 година, сообраќајна дозвола издадена од СВР В. на 26.10.2009 год. на име на тужителот-тужениот Драган Стевоски за патничко возило марка HYNDAI ACCENT DELUX 1.3 SL број на шасија KMHVF 21 LPSU 163962, број на мотор G4EHR 379082, година на производство 1996, боја на каросерија зелена со рег. бр..., од исказите на сведоците М. С. од с. К.-Б., Д. Ц. од В. и Р. А. од В., сите дадени на записник од 8.06.2010 година, исказите на сведоците П. П. и Д. П., двајцата од В. дадени на записник од 17.09.2010 година и исказите на тужителот и тужената сослушани во својство на странки на записник од 17.09.2010 година и 5.04.2011 година а по анализа и оцена на сите така изведени докази согласно со чл. 8 од ЗПП, судот можеше да ја утврди следната фактичка положба:
Тужителот-тужениот по завршувањето на средното воено училиште во Н. С. бил распореден во касарна, во воена амбуланта во В., во тогашна ЈНА. Во почетокот бил водник, медицински техничар односно референт за општи работи во амбуланта. Првите 2-3 години живеел под кирија бидејќи во тој момент немало слободни станови на ЈНА. Во 1987 година од станбениот фонд ЈНА добил гарсоњера од 35 м. кв. на во В.. Во 1986 година тужителот-тужениот имал сопствено возило "Застава 101". Истата година се запознал со тужената, се забавувале 3 години и во 1989 година стапиле во брак. Во почетокот живееле во гарсоњерата. На ден 15.06.1990 година им се родил синот Р.. Во тој период се издржувале од плата на тужителот-тужениот во висина од 2.000 германски марки. Потоа тужителот-тужениот добил прекоманда за Т., а оттаму заминал во Н. С.. Бидејќи имал формирано семејство тужителот-тужениот имал можност да добие поголем стан со заедничка намера во истиот да живее целото семејство-тие двајцата и малолетното дете. Па така, тој се обратил до управата за станбен фонд на ЈНА за добивање на поголем стан и на ден 10.02.1992 година помеѓу ВУ за управување со СФ на ЈНА С. како продавач и тужителот-тужениот како купувач бил склучен договор за купопродажба-откуп на недвижности заверен под бр... Предмет на договорот бил стан со површина од 64,92 м. кв. на во В. за сума од 262.243,00 тогашни динари. Тужителот-тужениот се обврзал наведената откупна цена да ја исплати еднократно во рок од 15 дена од денот на заклучување на договорот. На ден 15.04.1992 година се вратил на работа во Македонија во АРМ во касарна "Ѓ. П." во С.. Таму работел се до 2001 година како командир на санитетска чета, а платата му била во висина од 12.000,00 денари до 15.000,00 денари. Иако работел во С. продолжил да живее во предметниот стан во В. и патувал секојдневно. По распаѓањето на ЈНА предметниот стан припаднал на станбениот фонд на Министерство , поради што на ден 29.12.1993 година тужителот-тужениот склучил нов договор за купопродажба, сега со Министерство на РМ заверен под бр... од 13.07.1994 година. Купопродажната цена на денот на склучувањето на договорот изнесувала 421.945,00 денари. Оваа сума била намалена врз основа на станбениот придонес за сума од 57.878,00 денари. Па така тужителот-тужениот ја прифатил сумата од 364.067,00 денари да претставува негова обврска по овој договор. Оваа купопродажна цена се обврзал да ја исплати во рок од 40 години на 480 месечни рати по износ од 758,00 денари рата. Договорот бил заверен во Основен суд Велес на ден 15.07.1994 година под ЗАВ НД бр.... На ден 13.07.1994 година помеѓу Република Македонија од една страна и тужителот-тужениот од друга страна бил склучен и анекс кон договорот за купопродажба заведен под бр... од 13.07.1994 година. Предмет на истиот било усогласување на неотплатениот дел на долгот од договорот за купопродажба на стан-бр... од 13.07.1994 год. заверен од страна на Основен суд Велес под бр... од 15.07.1994 година. Притоа било утврдено дека неотплатениот дел на долгот на денот на склучувањето на овој анекс договор според посебна пресметковна листа бр... од 3.07.1998 год. изнесувал 341.031,00 денари односно 11.001,00 ДЕМ. Заради усогласување на неотплатениот дел од долгот од договорот од Министерство на ден 3.07.1998 година била издадена потврда на име на тужителот-тужениот дека заклучно со месец јуни 1998 година истиот изнесувал 341.033,00 денари. Со општи уплатници од 27.10.1994 година, 23.11.1994 година, 22.08.1994 год., 22.09.1994 год., 21.02.1995 год., 21.03.1995 год., 31.12.1994 год., 21.01.1995 год., 1.08.1995 год., 22.08.1995 год., 30.05.1995 год., 24.06.1995 год., 21.12.1995 год., 11.03.1996 год., 19.10.1995 год., 21.11.1995 год., 23.01.1997 год., 23.05.1997 год., 25.07.1996 год. и од 30.12.1996 год., на име месечна рата за откуп на станот за месеците август, септември, октомври, ноември и декември 1994 година и јануари 1995 година на сметката на Министерство уплатувана е сума во износ од 758,00 денари, за месеците февруари, март, јули, август, ноември и декември 1995 година по сума во износ од 1.350,00 денари, за месеците април и мај 1995 година вкупно сума во износ од 2.700 денари, за месец јуни 1995 година сума во износ до 1.300,00 денари, за месеците септември и октомври 1995 година-сума во износ од 2.700,00 денари, за месеците јануари, февруари и март 1996 година вкупно сума во износ до 5.100,00 денари, за месеците април, мај, јуни и јули 1996 година вкупно сума во износ од 6.800,00 денари, за месеците август, септември, октомври, ноември и декември 1996 година вкупно сума во износ од 7.500,00 денари, за месец јануари 1997 година-сума во износ од 1.500,00 денари и за месеците февруари, март и април 1997 година вкупно сума во износ од 4.500,00 денари.
Во текот на 1994 година странките одлучиле со заеднички заштедените пари во претходните години од бракот да закупат простор и да отворат продавница за продажба на прехранбена стока. Па така на ден 8.03.1994 година ја отвориле продавницата "Б. п." лоцирана во близина на спорниот стан, спроти зградата на МВР СВР В.. Месечната закупнина во почетокот изнесувала 100 германски марки, а потоа 200 германски марки. За да се оспособи продавницата за работа вложиле вкупно 7000 ДЕМ од кои 3000 ДЕМ ги искористиле за витрина за сувомеснати производи и сталажи. Купиле и вага во вредност од 1.300 германски марки кои им ги позајмил таткото на тужената, сведокот Р. А. од В.. Купиле и безжичен телефон и некои ситни работи во вредност од 1.000 германски марки кои тужителот ги добил од неговите родители од Б. како поклон за почеток на работењето. Во продавницата работеле во смени-тужената која не била пријавена во редовен работен однос, сведокот Д. Ц., сосетка на странките на која и била давана плата во износ од 3.000,00 денари, а книговодство водело лицето М. (Н). Роба обезбедувале тужителот-тужениот и таткото на тужената. Тужителот -тужениот тоа го извршувал во своето слободно време попладне, во сабота, недела и за време на празници. Робата била обезбедувана од кванташки пазар и магацини во Ск. За потребите на семејството храната била обезбедувана од продавницата. Тужителот-тужениот имал братучед во С. по име Т. Б. кој му должел сума од 3000 ДЕМ , па долгот му го вратил во натура-со прехранбена роба од неговиот дисконт во С. Исто така тужителот-тужениот соработувал и со сведокот П. П. кој имал сопствена фирма, магацин на големо и мало со продавници "Т." со седиште во В., како и со сведокот Д. П., кој бил претставник на прилепска пивара и работел на големо со прехранбени производи односно имал негов магацин. И од нив повремено била набавувана роба, а било плаќано во дел врз основа на фактури, а дел во готово од дневниот промет. Првите проблеми во бракот на странките им се јавиле во 1994 година-почетокот на 1995 година. Кон крајот на 1995 година им се нарушиле целосно односите и тужителот-тужениот почнал да размислува за затворање на дуќанот. Па така во јануари 1996 година направиле попис, не бил набавувана повеќе роба во продавницата и на ден 8.03.1996 година истата била затворена. По месец март 1996 година странките продолжиле да живеат формално заедно во предметниот стан, во посебни соби, но сепак заедно се хранеле, а комуникацијата била сведена на потребите на заедничкото дете.
По затворањето на продавницата дел од робата била дадена во АК "Л." В. Другиот дел, како и инвентарот-вага, фрижидер, рафтови во вредност од 2.000 германски марки му биле дадени на сведокот Д. П., кој продолжил да работи со продавницата во период од уште 2-3 години. Заработените средства од нејзиното функционирање во висина од 14.000 ДЕМ на ден 12.04.1996 година биле вложени за купување на патничко возило марка HYNDAI ACCENT DELUX 1.3 SL, број на шасија KMHVF 21 LPSU 163962, број на мотор G4EHR 379082, година на производство 1996, боја на каросерија зелена со рег. бр... Возилото било купено за 17.400 ДЕМ. За регистрација и други давачки околу купопродажба на возилото им биле потребни 2000 ДЕМ и истите ги позајмил таткото на тужената, сведокот Р. А., но тие не му ги вратиле.
Според преглед-пресметка за откуп на општествен стан од 29.12.1998 година на Комерцијална Банка АД Скопје, тужителот имал 18.335 бодови, а според потврда бр. 15683 за примени средства за купување стан во општествена сопственост на Комерцијална Банка АД Скопје од 29.12.1998 год., тужителот-тужениот на ден 29.12.1998 година извршил уплата за предметниот стан во износ од 3.300 ДЕМ односно 102.305,50 денари и на тој начин целосно го доплатиле станот. Овие средства во висина од 3.300 германски марки им биле дадени од таткото на тужителот, сведокот М. С. како поклон, без обврска за нивно враќање. Подоцна, на ден 27.04.2000 година анексот кон договорот за купопродажба бил солемнизиран со солемнизација-потврда на приватна исправа заведена кај нотар С. А. под ОДУ бр... од 27.04.2000 година. За целосното доплаќање на станот на ден 13.06.2000 година од Министерство била издадена потврда. Бидејќи заради обезбедување на уредноста на плаќањето, во овој суд врз предметниот стан постоело укнижување за задолжно право-интабулација од прв ред на на ден 13.06.2000 година од страна на Министерство до овој суд бил доставен поднесок заведен под бр..., примен во судот на ден 9.10.2000 година, да се изврши бришење на интабулацијата.
Во 2001 година тужената се вработила со договор на определено време во М. п. и така работела 6,5 години остварувајќи плата од 9.700,00 денари, а потоа засновала редовен работен однос и остварувала приходи во висина од 18.000,00 денари.
Во 2003-2004 година тужителот заминал во И. и во А., а на тужената-тужителката и дал полномошно од неговата сметка на која примал плата таа да подигнува парични средства за потребите на нивното дете и за регистрација на спорното пмв.
На ден 26.01.2007 година со пресуда од Основен суд Велес бракот помеѓу тужителот-тужениот и тужената-тужителката бил разведен, а малолетното дете Р. С. било доверено на чување, воспитување и делумно издржување на неговиот татко, сега тужителот-тужениот, додека неговата мајка, сега тужената-тужителката била задолжена да плаќа месечна издршка во висина од 2.000,00 денари, но тужената не ја исплатувала истата. По разводот странките останале да живеат во станот со намера детето да го заврши средното училиште во В., да не ја менува средината, а потоа тужителот заедно со него да се пресели во С. Летото 2008 година тужителот отишол да живее во С., а детето по завршувањето на средното училиште дошло кај него и престојувало во работните денови, а за викенд се враќало кај неговата мајка. Во спорниот стан останала да живее тужената-тужителката, а спорното возило го владеел тужителот и понекогаш го управувал синот Р.
Судот имајќи ја во предвид погоре утврдената фактичка положба одлучи како во диспозитивот, а од следните причини:
Постапувајќи по укажувањатњ на Апелационен суд Скопје во конкретниот случај да се земе во предвид дека тужената го користела станот за време траењето на бракот и потоа, дека со живеење во брачната заедница придонела во откупот на станот, дека за време траењето на брачната заедница придонесувала за отплаќањето на предметниот стан, па да се утврди во колкав дел тужената придонела станот да се откупи додека била во брачна заедница со сега тужителот, судот најде:
Според чл. 66 од Закон за сопственост и други стварни права, имотот на брачните другари може да биде заеднички и посебен.
Според чл. 67 од ЗСДСП, имотот кој брачните другари ќе го стекнат во текот на бракот претставува нивен заеднички имот.
Кај имотот на брачните другари стекнат со работа во текот на бракот се работи за заедничка сопственост на брачните другари на неподелени делови. Таквото нејзино потекло, карактеризирано од наведените два елементи-заедничкиот труд и неговото создавање во текот на брачната заедница го условува и посебниот режим на управување и располагање. Па така, врската помеѓу работата и заедничкиот имот може да биде непосредна, ако е во прашање работа која донесува заработувачка, или посредна кога се работи за активности со кои на другиот брачен другар на различни начини му се овозможува или олеснува стекнување на заработувачка.
Во конкретниот случај не е спорно дека тужителот-тужениот и тужената-тужителката биле брачни другари и во текот на бракот стекнале заеднички имот-спорниот стан и спорното патничко моторно возило. Имено, видно од договорот за купопродажба заверен под бр... склучен на ден 10.02.1992 година помеѓу тужителот-тужениот и ВУ за управување со СФ на ЈНА Скопје за спорниот стан и договорот за купопродажба склучен помеѓу тужителот-тужениот и Министерство на РМ под бр... од 13.07.1994 година, заверен во Основен суд Велес на ден 15.07.1994 година под ЗАВ НД бр..., не е спорно дека од Министерството нему му бил доделен предметниот стан за купопродажна цена од 421.945,00 денари, намалена врз основа на станбениот придонес за сума од 57.878,00 денари односно за конечна сума од 364.067,00 денари што според договорот требало да се исплати во рок од 40 години на 480 месечни рати по износ од 758,00 денари рата. Од исказите на тужителот и тужената сослушани во својство на странки се утврди дека причина за добивање на предметниот стан било оформувањето на семејството, а волја на заедничарите била тој имот да биде заедничка сопственост. Видно од општи уплатници на име на тужителот-тужениот од 27.10.1994 година, 23.11.1994 година, 22.08.1994 год., 22.09.1994 год., 21.02.1995 год., 21.03.1995 год., 31.12.1994 год., 21.01.1995 год., 1.08.1995 год., 22.08.1995 год., 30.05.1995 год., 24.06.1995 год., 21.12.1995 год., 11.03.1996 год., 19.10.1995 год., 21.11.1995 год., 23.01.1997 год., 23.05.1997 год., 25.07.1996 год. и од 30.12.1996 год. не е спорно дека биле исплаќани месечните рати за откуп на станот. Видно од анекс кон договорот за купопродажба заведен под бр... од 13.07.1994 година склучен на ден 13.07.1994 година помеѓу Република Македонија од една страна и тужителот-тужениот од друга страна не е спорно дека врз основа на извршено усогласување на неотплатениот дел на долгот од договорот за купопродажба на стан-бр... од 13.07.1994 год. истиот според посебна пресметковна листа бр... од 3.07.1998 год. изнесувал 341.031,00 денари односно 11.001,00 ДЕМ. Не е спорно дека на ден 27.04.2000 година анексот кон договорот за купопродажба бил солемнизиран со солемнизација-потврда на приватна исправа заведена кај нотар С. А. под ОДУ бр... од 27.04.2000 година. Видно од преглед-пресметка за откуп на општествен стан од 29.12.1998 година на Комерцијална Банка АД Скопје, не е спорно дека тужителот имал 18.335 бодови, а видно од потврда бр... за примени средства за купување стан во општествена сопственост на Комерцијална Банка АД Скопје од 29.12.1998 год., не е спорно дека на ден 29.12.1998 година за предметниот стан бил доплатен износ од 3.300 ДЕМ односно 102.305,50 денари со што истиот бил целосно доплатен.
Спорно во однос на предметниот стан е утврдувањето на делот од заедничката сопственост на секој од брачните другари.
Според чл. 75 ст. 2 при утврдувањето на деловите на брачните другари во заедничкиот имот, судот тргнува од фактот дека заедничкиот имот на брачните другари се дели на еднакви делови.
Па така, во конкретниот случај од исказот на тужителот-тужениот сосушан во својство на странка се утврди дека бил во работен однос во почетокот во касарна во В. како водник, медицински техничар односно референт за општи работи во амбуланта и остварувал месечни приходи во висина од 2000 ДЕМ, а подоцна бил префрлен во С. во касарна "Ѓ. П." како командир на санитетска чета и остварувал месечни приходи во висина од 12.000,00 денари до 15.000,00 денари. Што значи тужителот-тужениот бил во работен однос во текот на севкупното траење на бракот. Од исказот на тужената-тужителката сослушана во својство на странка се утврди дека во периодот од 8.03.1994 година до 8.03.1996 година работела во заеднички отворената продавница за прехранбена стока, но не била со пријавен работен однос. Од нејзиниот исказ се утврди и дека таа ја чистела и одржувала продавницата, ја внесувала робата во гајби и сл. Со договор на определено време се вработила во М. п. во 2001 година и така работела 6,5 години остварувајќи месечни приходи во висина од 9.700,00 денари, а потоа засновала редовен работен однос и остварувала приходи во висина од 18.000,00 денари. Имајќи ја во предвид работата во продавницата на тужената-тужителката, фактот дека за неа не биле издвојувани средства за плаќање на придонеси и плата, дека истото претставува своевидна заштеда на средства или нивна заработка, како и ценејќи ја нејзината работа во семејството и домаќинството како придонес во создавањето на заедничкиот имот, како и тоа дека тужената-тужителката го користела станот за време траењето на бракот и потоа вкупно 21 година, судот утврди дека севкупно земено придонесот на тужената-тужителката е 1/2, поради што следуваше да се одлучи како во дипозитивот под т. 2 од I и II .
При одлучувањето судот имаше во предвид дека меѓусебните односи биле нарушени во текот на 1996 година, а станот целосно бил исплатен на 28.12.1998 година, меѓутоа од исказите на странките се утврди дека бракот формално егзистирал до 2007 година, така што живееле во истиот стан се до 2008 година заедно хранејќи се и комуницирајќи, па оттука произлегува дека заедничко било целосното исплатување на станот. Уште повеќе во прилог на наведеното е и моментот дека во 2003 -2004 година тужителот за време на неговиот престој во А. и И. и дал полномошно на тужената да располага со средства од неговата сметка.
Поради погоре наведеното тужбеното барање на тужителот-тужениот дека спрема тужената е сопственик на уште 1/2 идеален дел од предметниот стан се одби како неосновано односно се одлучи како во диспозитивот под I точка 4.
Во поглед на патничко возило марка HYNDAI ACCENT DELUX 1.3 SL, спорен е делот на секоја од странките во заедничката сопственост бидејќи според тужителот-тужениот, тужената има 1/9 а според тужената-тужителката, двајцата се сопственици по 1/2 идеален дел.
Во конкретниот случај, од исказите на тужителот-тужениот и тужената-тужителката сослушани како странки неспорно се утврди дека од заедничката заштеда била отворена колонијалната продавница во која работела тужената-тужителката, а помагал и тужителот-тужениот. Од исказот на сослушаниот сведок Д. Ц. се утврди дека во почетокот продавницата функционирала добро, што значи имало заработувачка. Исто така и од исказот на сведокот Р. А. се утврди дека и тој имал учество во набавувањето на стоката за продавницата, дека од работењето на истата странките обезбедувале храна и ги покривале трошоците за комуналните услуги на продавницата и на семејната заедница, без притоа посебно да се издвојат средства на име плата за работењето на тужената-тужителката, како и тоа дека по затворањето на продавницата вкупната заработка изнесувала 14000 ДЕМ што странките ги вложиле за купување на предметното возило, додавајќи ја и неговата сума од 2000 ДЕМ. Од исказот на тужената-тужителката сослушана во својство на странка се утврди дека продавницата добро функционирала, па покрај покривањето на трошоците имало и заработка со која била обезбедувана роба, од истиот се обезбедувала храна за целото семејство, а по предавањето на робата и инвентарот при затворањето на продавницата имале вкупна сума од 14.000 ДЕМ што ги вложиле за купување на спорното пмв. Од исказот на тужителот-тужениот сослушан во својство на странка се утврди дека патничкото моторно возило било купено по затворањето на продавницата на ден 12.04.1996 година за купопродажна цена од 17.400 ДЕМ. Бидејќи од се погоре наведено логично произлегува дека возилото е купено токму со заработените средства од продавницата и неспорниот заем во висина од 2000 ДЕМ од таткото на тужената-тужителката, сведокот Р. А., следуваше судот да одлучи како во диспозитивот под т. 3 од I и II .
Аналогно на ова тужбеното барање на тужителот-тужениот да се утврди дека е сопственик и на разликата од досудениот 1/2 идеален дел до бараниот 8/9 идеален дел од спорното возило следуваше да се одбие како неосновано односно се одлучи како во дипозитивот под т. 4 од I .
Судот го имаше во предвид исказот на тужителот-тужениот сослушан во својство на странка дека возилото било купено покрај наведните суми и од средства во висина од 6000 ДЕМ дадени од неговиот татко сведокот М. С., како и средства во висина од 2000 ДЕМ од продажбата на неговото ПМВ "Застава 101", меѓутоа смета дека е спротивно на утврдените факти и со цел да се обезбеди поголем удел во заедничкото ПМВ. Исто така судот го ценеше и исказот на сведокот М. С. дека во 1994 година му дал на синот за отворањето на продавницата сума од 1000 ДЕМ, како и во 1996 година сума во износ од 6000 ДЕМ за купување на спорното ПМВ, меѓутоа смета дека и ова е наведено со цел на неговиот син да му се досуди поголем удел на возилото и е спротивно на утврдената фактичка положба.
Во поглед на исселувањето од предметниот стан судот одлучи како во диспозитивот под III од причина што исселување не може да се бара бидејќи тужената-тужителката има утврден сопственички дел од станот и на истиот треба да се спроведе постапка за физичка делба.
Во поглед на трошоците во спорот, судот одлучи како во диспозитивот согласно со чл. 148 од ЗПП. Така тужителот - тужениот делумно успеа во спорот па тужената е должна да му ги надомести делумно трошоците во спорот и тоа 1/2 од предизвиканите кои се во износ од 47.680,00 денари а се однесуваат за: состав на одговор на тужба со противтужба сума во износ од 3.900,00 денари, 7 застапувања од адвокат по сума во износ од 3.120,00 денари за секое или вкупно сума во износ од 21.840,00 денари, такса за тужба 1.600,00 денари, такса за одговор на тужба и противтужба 1.600,00 денари и такса за пресуда 2.000,00 денари, состав на жалба 7.020,00 денари, такса за жалба 4.000,00 денари, состав на полномошно 1.300,00 денари, состав на трошковник 1.300,00 денари и застапување на рочиште за објавување на пресудата сума во износ од 3.120,00 денари, што изнесува сума во износ од 23.840,00 денари. Противтужителката успеа целосно во спорот, па следуваше да се задолжи тужениот да и ги надомести предизвиканите трошоци во износ од 45.880,00 денари, а кои се однесуваат за: состав на одговор на тужба со противтужба сума во износ од 2.600,00 денари, 9 застапувања од адвокат по сума во износ од 3.120,00 денари за секое или вкупно 28.080,00 денари, такса за одговор на тужба-противтужба сума во износ од 1.600,00 денари, состав на полномошно сума во износ од 1.300,00 денари, состав на трошковник сума во износ од 1.300,00 денари, состав на жалба сума во износ од 4.680,00 денари и такса за жалба сума во износ од 3.200,00 денари и застапување на рочиште за објавување на пресудата сума во износ од 3.120,00 денари.




Претседател на совет
Судија

Виолета Мојсова




ПРАВНА ПОУКА:
Против оваа пресуда недоволната странка има
право на жалба во рок од 15 дена по приемот
преку овој суд до Апелационен суд Скопје



Назад