Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
 
 
Одлуки на Основниот Суд Велес

29.06.2012   П-1.бр.33/12
П-1.бр.33/12

ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ОСНОВНИОТ СУД ВЕЛЕС како првостепен парничен суд во состав од судијата Виолета Мојсова како претседател на советот и судиите поротници Силвана Печкова и Ружица Кајнакчиева како членови на советот, решавајќи по тужбата на тужителката И. Г. од С., Г. против тужениот Б.Б. од В. за испразнување и предавање во владение на недвижност, вредност на спорот 40.000,00 денари, по одржаната усна, главна и јавна расправа на ден 19.06.2012 година во присуство на тужителката лично, нејзиниот полномошник Д. Ч. Г. од С., тужениот лично и неговиот полномошник адвокат Е. П.од Н., ја донесе и објави на ден 26.06.2012 година следната


П Р Е С У Д А

Тужбеното барање на тужителката И. Г. од С., Г., СЕ УСВОЈУВА.

СЕ ЗАДОЛЖУВА тужениот Б. Б. од В. да го испразни од луѓе и предмети и да и го предаде во владение на тужителката И. Г. од С. Г. целокупниот недвижен имот што се наоѓа на ул. С.бр.57 В. и тоа: на КП.бр….семејна зграда …. Влез.., стан … на приземје во површина од .. м2, помошни простории … на сутерен во површина од … м2, гаража .. на сутерен во површина од … м2, двор со површина од …м2 и земјиште под зграда во површина од …м2 што се вои на Имотен лист бр…. за КО В. и недвижниот имот-дива градба на КП.бр…. и тоа: семејна зграда …, влез .. стан … на мансарда во површина од …м2 на ул. С.“ бр… евидентиран на Имотен лист бр…..за КО В. во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата и во истиот рок да и ги надомести трошоците по спорот во износ од 18.613,00 денари.


Р Е Ш Е Н И Е

Приговорот на тужениот Б. Б. од В.да се отфрли тужбата на тужителката И. Г. од С., Г. за испразнување и предавање во владение на недвижност, вредност на спорот 40.000,00 денари поради пресудена работа, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАН.

О б р а з л о ж е н и е

Пред овој суд поведена е постапка по тужба на тужителката против тужениот, за испразнување и предавање во владение на недвижност, вредност на спорот 40.000,00 денари.
Во тужбата и на расправата тужителката преку нејзиниот полномошник наведува дека е сопственик на недвижен имот кој се води на ИЛ.бр…. за КО В. а се наоѓа на ул. С.бр….во В. и тоа КП.бр…. семејна зграда ..влез.. стан ..на приземје во површина од …м2, помошни простории .. на сутерен во површина од … м2, гаража …на сутерен во површина од …м2 и двор со површина од …м2 и земјиште под зграда во површина од …м2 како и на недвижниот имот-дивоградба кој се води на ИЛ.бр….за КО В. а се наоѓа исто на ул. С. бр…. во В. на КП.бр…. и тоа следниот објект- семејна зграда … влез .. стан …на масарда во пов. од …м2. За бесправно изградениот објект поднела барање за легализација до О. В. на ден … год. заведено под бр…... На ден …. год. со тужениот склучила преддоговор за купопродажба на куќа на КП … за КО В. и се обврзале да склучат договор за кпопродажба, но до склучување не дошло и предоговорот се сметал за раскинат, па бесправно живеел во предметната недвижност. Со правослна и извршна пресуда на овој суд П.бр….. од… год. донесена во постапка по нејзина тужба тужениот бил задолжен да го испразни од луѓе и предмети и да и го предаде во владение недвижниот имот на ул. С. бр… во В. на ИЛ.бр….за КО В.. Бидејќи тужениот доброволно не се исселил, преку извршител Б. П. бил иселен од легалниот дел на куќата, опишан во наведената пресуда но, останал да живее и да ја владее мансардата од куќата која била дива градба и е во нејзина сопственост, а по извесен период повторно се вселил и во приземјето. Поради тоа поднела кривична пријава против тужениот, а судот донел пресуда К.бр…. од… год. со која бил осуден за кривично дело Нарушување на неповредливоста на домот. Предлага судот согласно чл.156 и чл.121 ст.1 од ЗСДСП да го усвои тужбеното барање и да и се надоместат трошоците во постапката.
Во писмениот одговор на тужба и на расправата тужениот преку полномошникот наведува дека во конкретниот случај се работи за пресудена работа па тужбата треба да се отфрли, а тоа произлегува и од записникот за предавање во владение на извршител Б. П. од кој се гледа дека постои разлика помеѓу она што е запишано во извршната исправа и она што е на лице место, од што јасно било дека никогаш не го напуштил објектот како повторно би се вселил бесправно во истиот. Во поглед на дивоградбата тужителката не е запишана како сопственик на објектот па не може да бара заштита на своето право. Објектот кој е дива градба со свои средства го градел лично тој. Предлага тужбата во поглед на легалниот објект да се отфрли а тужбеното барање во поглед на дивоградбата да се одбие како неосновано и да му се надоместат трошоците во постапката.
Од изведените докази на расправата и тоа увид во: ИЛ бр…..за КО В. издаден од АКН О.В. од … година, податоци од катастар на недижности и регистрација со состојба на ….година за КО В.на ИЛ бр…. потврда од општина В. за поднесено барање за легализација бр….. од …година, пресуда П бр…..од …година, записник за испразнување и предавање на недвижност на извршител Б. П. именуван за подрачје на Основни судови Велес, Гевгелија, Кавадарци и Неготино И.бр … од …. година, пресуда на овој суд К бр…..од …. година, известување од Извршител Б. П. за подрачје на Основни судови Велес, Гевгелија Кавадарци и Неготино од … година, записник за увид на лице место од …. година и од исказите на тужителката и тужениот сослушани во својство на странки како и од наводите на пол. на тужителот и пол. на тужениот, а по анализа и оцена на така изведените докази ценејќи ги истите во смисла на чл.8 од ЗПП судот ја утврди следната фактичка состојба:
Според Имотен лист бр….за КО В.издаден од АКН О. В. од … година тужителката е сопственик на недвижен имот кој се наоѓа на ул.С. бр…. во В.и тоа на: КП.бр…..- семејна зграда, зграда … влез …, кат приземје, стан … со површина од … м2, КП.бр….сутеран, зграда … влез …, со површина од …м2 и КП.бр…. гаража, зграда …, влез … сутеран со површина од …м2 сите запишани во лист В од Имотниот лист, на недвижен имот на КП.бр….план… скица … и тоа земјиште под зграда со површина од …м2 и двор со површина од …м2 запишани на лист Б. На Имотниот лист стои прибелешка од …год. на налог за извршување И.бр….од… год. на извршител Б. Б.од Н. врз основа на барање за спроведување извршување од доверителот Б. Б.од В. засновано на извршна исправа П.бр….од…год. на Основен суд Велес против должникот И. Г. со непознато живеалиште во Р. Г. за спроведување на извршување во вредност 1.847.331,00 денари па му се забранува на должниот да ја отуѓува и стварно правно оптоварува наведената недвижност.
Според приложени податоци од катастар на недвижности и регистрација со состојба на 31.01.2012 година за КО В. на име на тужителката е авидентиран недвижен имот на КП.бр….–семејна зграда… влез.., стан … на мансарда во површина од ..м2 на ИЛ бр…. за КО В.
Тужителката на ден …год. склучила договор за купопродажба на недвижен имот –сутерен на на ул С. бр….во В. која била дива градба, а договорот бил заверен во Општински суд Титов Велес под Зав. Нд. бр….. Во текот на 1986 год. тужителката и нејзиниот сопруг М. Г. со заеднички средства над сутеренот изградиле приземје и мансарда опишани погоре. Приземјето било изградено врз основа на уредна градежно техничка документација и добиено одобрение за градење бр…. од … год. по поднесено барање од тужителката на чие име се водела целокупната документација и било оспособено за живеење во 1986 год. Летото … год. тужителката со сопругот и децата се вратиле во Г. каде останале да живеат. Во 1989 год. сопругот на тужителката починал на работното место во Г. и таа со нејзините ќерки останала да живее во Г., па одлучила да ја продаде спорната куќа а тужениот бил заинтересиран за нејзино купување. Во 2001 год. тужителката дошла во В.и со тужениот се договориле тој да ја купи спорната куќа за купопродажна цена од 58.000 ДМ па за таа цел склучиле преддоговор заверен кај нотар С. А. од В. под УЗП.бр…. од …год. со кој предвиделе по добивањето на имотен лист да склучат договор за купопродажба за семејна станбена зграда на КП.бр….во површина од …м2 и двор во површина од … м2 на ул.С.бр…. во В.. На денот на склучувањето на преддоговорот тужениот на тужителката и дал капар од ….ДМ и се обврзал дека преостанатиот дел од купопродажната цена ќе го исплати кога ќе биде издаден имотен лист и ќе се склучи главниот договор. Меѓутоа до склучување на договор за купопродажба на спорниот недвижен имот не дошло иако по прибавување на имотниот лист, тужителката со писмено барање од 25.11.2002 год. го повикала во рок од 30 дена да пристапи кон потпишување на главниот договор и да и ја исплати договорената купоподажна цена, во спротивно ќе се смета дека се откажал од купување на недвижниот имот и ќе го задржи примениот капар, но тужениот не одговорил на барањето, а со неговото семејство продолжил да живее во спорната недвижност.
По спроведена постапка пред овој суд по тужба на тужителката против тужениот за предавање во владение на недвижен имот донесена е пресуда П.бр…. од…год. со која тужбеното барање е усвоено и задолжен е тужениот да го испразни од луѓе и предмети и да и го предаде во владение. Тужениот доброволно не постапил по цитираната пресуда, па тужителката пред извршител Б. П. од В. повела постапка за извршување на цитираната пресуда и од чија страна на ден 28.03.2008 год. било спроведено извршувањето така што ги отсранил лицата и предметите од недвижниот имот цитиран во пресудата и недвижниот имот го предал во владение на тужителката така што и бил предаден клуч од станот во приземјето и сутеренот за што бил составен записник И бр. …од …година. Тужениот со семејството останал да ја коридти мансардата од спорната куќа, бидејќи не била предмет на постапката за иселување, но кога тужителката заминала во Г. тужениот извршил замена на бравите на приземјето и сутеренот и повторно се вселил во истите, па кога тужителката се вратила во В не можела да влезе во својот недвижен имот а во него живеел тужениот со своето пошироко семејство. За време на своето живеење во спорниот недвижен имот тужениот презел одредени градежни дејствија за адаптација на истиот. Поради наведеното тужителката на ден ….год. до овој суд поднела приватна кривична тужба против тужениот како обвинет за кривично дело Нарушување на неповредливоста на домот од чл.145 ст.1 од Кривичниот законик и кривично дело Самовластие од чл.392 ст.1 од Кривичниот законик и по спроведена постапка донесена е пресуда К.бр…..од….год. со која бил огласен за виновен за кривично дело Нарушување на неповредливостра на домот од чл.145 од КЗ и осуден на парична казна од 50 (педесет) дневни глоби од по 10 евра во денарска противредност на една дневна глоба од 615,00 денари или во вкупен износ од 30.750,00 денари, а ослободен од обвинението за кривично дело Самовластие од чл.392 ст.1 од КЗ.
Тужителката на ден …год. до О. В. поднела барање за легализација на бесправно изградениот објект–мансарда но постапка е во тек, бидејќи не поседувала клуч од истата што било пречка за да се изготви геодетски елаборат кој е неопходен за постапката.
Според записник за увид на лице место од …год. се работи за куќа во В. на ул.С.бр….која се состои од сутерен, пиземје и мансарда, која нема фасада од надворешната страна. Сутеренот се состои од: гаража и една подрумска просторија, една соба на која што и е срушен северниот sид и нема влезна врата, преку посебен влез во сутеренот се доаѓа во две соби во кои што има подлога од бетон во еден дел а во еден дел е земјена подлога, просторија припремена за купатило која не е комплетирана и една подрумска просторија од земјена подлога на која што од јужната страна има отвор за прозор, меѓутоа прозор нема. И во подрумската просторија кај гаражата има отвор за прозор, но прозор нема . Преку двата опишани отвори се доаѓа до дворно место од јужната страна на куќата. Приземјето има посебен влез преку дворното место од југоисточната страна така што истото се состои од: претсобје од кое што преку посебна врата се доаѓа на јужна страна во две простории кои се празни, од претсобјето се доаѓа до две соби и тоа спална и детска соба. Исто така од претсобјето се доаѓа до посебно ве-це и посебно купатило. Од празните простории на јужната страна од претсобјето има две тераси а и од детската соба се излегува на тераса на приземјето. Приземјето е оспособено за живеење и наместено со ствари за живеење од страна на тужениот. Преку надворешни посебни скали од приземјето се доаѓа до мансарда чија влезна врата од југоисточната страна е заклучена а по кажување на тужениот во истата живеел неговиот син Д. со своето семејство кој моментално бил на работа во С., а тужениот нема клуч. Кровот е на две води север-југ а дворното место се наоѓа од сите 4 страни на куќата.
Врз основа на вака уврдената фактичка состојба судот одлучи како во изреката а од следните причини:
Според чл. 6 од Законот за сопственост и други стварни права се гарантира правната заштита на сопстевноста.
Граѓанско правната заштита на сопственоста како таква , за сопственикот претставува негово субјективно право кое го овластува да бара од лицата кои го повредуваат неговото право да престанат со она чинење со кое ќе се отстрани повредата.Ова барање настанува врз основа на правото на сопственмост кое се повредува и за кое гарантира државата со инструменти за правна заштита на сопственоста.
Според чл. 8 ст.1 од Законот за сопственост и други стварни права, сопственикот има право својата ствар да ја држи целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице, а според став 2 секој е должен да се воздржува од повреди на правото на друго лице.
Според чл. 121 од истиот закон на градежен објект изграден без одобрение за градење, градителот со самата градба не стекнува сопственост, а до легализација или рушење на тој објект врз основа на одлука на надлежен орган ужива соодветна судска заштита која му припаѓа на сопственик, ако со закон поинаку не е определено.
Според чл.156 ст.1 од истиот закон сопственикот може со тужба да бара од држателот поврат на индивидуално определена ствар, а според ст.2 од истиот член и закон сопственикот мора да докаже дека врз стварта чиј поврат го бара има право на сопственост, како и дека стварта се наоѓа во фактичка власт на тужениот.
Во конкретниот случај од изведените докази неспорно се утврди дека помеѓу тужителката и тужениот на ден … год. бил склучен преддоговор со кој преземале обврска подоцна да склучат друг, главен договор за купопродажба на недвижен имот станбена семејна зграда на КП бр….во површина од .. м2 и двор со површина од …м2 на ул. С. бр. .. В., дека преддоговорот бил склучен во писмена форма и заверен на нотар и ги содржи суштествените состојки на договорот и тоа предметот на купопродажба и цена а на денот на склучување на преддоговорот тужениот и дал капар на тужителката од 11.000 ДМ и му го предала во владение предметниот недвижен имот. Не е спорно и тоа дека склучувањето на главниот договор било одложено до прибавувањето на имотен лист за спорниот недвижен имот, по добивањето на имотен лист со писмо од 25.11.2002 год. тужителката го повикала тужениот да го склучат договорот за купопродажба, но тоа не било случај, така што тужениот не се придржувал кон преземената обврска за склучување на главен договор во определениот рок што претставувало суштествена состојка на преддоговорот па согласно чл. 37 ст.1 од ЗОО и чл. 114 ст.1 од ЗОО договорот се раскинал според самиот закон.
Од увид во Имотен лист бр….. за КО В. се утврди дека на име на тужителката се води сутерен и приземје од опишаната куќа а од увид во приложени податоци од катастар на недвижности и регистрација со состојба на … година за КО В. се утврди дека мансардата која е дива градба на ИЛ.бр….за КО В. е евидентирана на име на тужителката.
Од увид во пресуда П.бр….од… год. се утврди дека тужениот е задолжен да го испразни од луѓе и предмети и да го предаде во владение недвижниот имот како во изреката на пресудата а од увид во записник за испразнување и предавање на недвижност на извршител Б. П. И.бр. од … година се утврди дека тужениот бил исселен од недвижниот имот опишан во пресудата а на тужителката и бил предаден клуч од недвижноста.
Од исказот на тужителката се утврди дека по пресудата П.бр…. од … год. од извршител Б. П. тужениот бил иселен од приземјето и сутеренот од спорната куќа, останал да ја користи мансардата, но откако заминала за Г., повторно се вселил во приземјето и сутеренот така што ги променил бравите, а на мансардата поставил блиндирана врата, а кога се вратила во В., неможела да влезе во својата куќа. Од увид во пресуда К.бр….. од …год. се утврди дека во врска со ова постапување на тужениот по поведена постапка од тужителката, бил огласен за виновен и осуден за кривично дело Нарушување на неповредливоста на домот од чл.145 ст.1 од Кривичниот законик.
Од исказот на тужениот се утврди дека во спорната куќа живее со семејството и има свои ствари, а тоа се утврди и од непосредниот увид на судот на лице место на 28.05.2012 год.
Од увид во потврда од општина Велес за поднесено барање за легализација бр…. од…година се утврди дека тужителката барала да се легализира бесправно изградениот објект – мансарда погоре опишан, но оваа постапка се уште била во тек.
Од погоре уврдените факти и околности, при неспорен факт дека недвижниот имот - сутерен и приземје е легален и се води на ИЛ.бр…за КО В.на име на тужителката, истата има право да го заштитува својот имот и да бара поврат на владението а имотот кој е дива градба - мансарда е евидентиран на нејзино име на Имотен лист …за КО В. па и во поглед на тој имот има право на соодветна судска заштита до легализација, за што има поднесено барање, или до рушење, а на овој недвижниот имот фактичката власт има тужениот така што го користи заедно со своето семејство, произлегува дека во конкретниот случај исполнети се условите во погоре цитираните законски одредби па следуваше да се усвои тужбеното барање на тужителката во целост и да се одлучи како во изреката на пресудата така што се задолжи тужениот да го испразни и да и го предаде во владение.
При одлучувањето како во изреката судот ги имаше во предвид наводите на тужениот дадени во неговиот исказ дека за недвижниот имот кој го владее и дал на тужителката 11.000 ДМ, дека потоа во истиот вложил значителни парични средства со цел да го оспособи за живеење, а до склучување на договор за купопродажба не дошло затоа што постоела разлика во површината наведена во преддоговорот и во Имотниот лист и дека за недвижниот имот кој е дива градба нема право да бара враќање бидејќи не е нејзина сопственост, но не придонесоа за донесување на поинаква одлука. Така од ниту еден доказ не произлегува дека тужениот водел и докажал дека има право на сопственост иако имаат спор кој трае подолги години односно по склучувањето на преддоговорот заверен на нотар С. А. од В. под УЗП.бр…. од … год. туку од негова страна против тужителката била водена постапка за негово парично побарување за извршените вложувања во овој недвижен имот под П.бр…. во кој била донесена пресуда од 16.12.2008 год. и за која повел постапка за извршување и по налог на извршителот извршена е прибелешка на тоа парично побарување во ИЛ бр… за КО В. но која пресуда била укината по предлог за повторување на постапката и сега постапката била во тек, но по наоѓање на судот истата е без значење за овој спор, затоа што видно од ИЛ бр….за КО В. недвижниот имот предмет на тужбеното барање се води на име на тужителката па како сопственик има право да го води спорот а за недвижниот имот кој е дива градба има право на судска заштита согласно чл.121 ст.1 од ЗСДСП. Исто така судот ги имаше во предвид наводите на тужениот дека во мансардата живеел неговиот син Д. со своето семејство кој моментално бил на работа во С., а тој немал клуч, но не ги прифати затоа што се дадени за да го избегне испразнувањето и предавањето во владение на тужителката. Освен тоа спорот за куќата бил помеѓу него и тужителката па доколку и му дозволил на неговиот син во истата да живее, тоа не е причина за да се утврди дека тужбеното барање е неосновано.
Судот го одби како неоснован приговорот на тужениот дека се работи за пресудена работа бидејќи за истото тужбено барање кое се однесува на недвижниот имот на ИЛ бр….за КО В. тужителката водела спор во кој е донесена пресуда П.бр….од …год., затоа што смета дека не се исполнети условите предвидени во чл. 322 од ЗПП. Така судот утврди дека тужениот по спроведување на присилното извршување на оваа пресуда, ја променил бравата и повторно се вселил и го владее спорниот недвижен имот така што и понатаму во истиот живее и има свои ствари а тужителката не поседува клуч и откако се вратила од Германија неможе да го владее како сопственик, па има право да бара да го испразни и да и го предаде во владение.
Одлуката за трошоците е донесена согласно со чл.148 од ЗПП, а имено како тужителката успеа во спорот, па тужениот должен е да и ги надомести потребните трошоци за водење на спорот согласно чл. 149 став 1 од ЗПП во износ од 18.613,00 денари кои се однесуваат за: состав на тужба сума од 2.600,00 денари, за застапување на 3 рочишта по 3.120,00 денари севкупно сума од 9.360,00 денари, за состав на полномошно сума од 1.300,00 денари, за увид на лице место сума од 800,00 ден. за такса за тужба сума од 1.200,00 ден. и такса за одлука сума од 1.200,00 ден. со зголемување од 18% ДДВ на сумата за состав на тужба и за застапување на три рочишта за сума од 2.152,00 денари.
Судот не го прифати барањето на тужителката на име трошоци во спорот да и се надомести уште сума од 9.880,00 денари кои се однесуваат за: награда за состав на 2 поднесоци секој по 1.300,00 денари бидејќи не се по задолжение на судот, според вредноста на спорот по АТ наградата за состав на тужба изнесува 2.600,00 ден. а не 3.900,00 ден. и наградата за застапување изнесува 3.120,00 ден. а не 4.680,00 ден. и за состав на трошковник сума од 1.300,00 денари награда не следува бидејќи трошоците можеле да бидат истакнати на рочиштето кога не би биле предизвикани па не се нужни трошоци за водење на постапката и тужениот не е должен да ги надоместува.



Претседател на совет
С у д и ј а

Виолета Мојсова


ПРАВНА ПОУКА:
Против оваа пресуда недоволната странка има
право на жалба во рок од 15 дена по приемот
преку овој суд до Апелациониот суд во Скопје

Назад